Кривичниот суд им го продолжи краткотрајниот притвор за нови 48 часа на четворицата сопственици и управители на фабриката за електронски отпад во скопско Трубарево, по предлог на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Четворицата беа приведени и во неделата вечерта спроведени пред судија на претходна постапка, по што судот им одреди првичен 48-часовен притвор.
Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и 59-годишник вработен во правно лице.
Од ОЈО Скопје информираат дека денеска ќе започне увид на лице место за причините за пожарот, а увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител.