Поранешната директорка на Државниот архив, професорката Наташа Котлар, во телевизиско гостување изјави дека добила отказ преку телефонски повик од кабинетот на премиерот, без никакво претходно известување или образложение.
Како што објасни Котлар, додека вчера била на своето работно место, ѝ се јавила жена која се претставила како секретарка од кабинетот на премиерот и ѝ соопштила дека веште не е директорка на Државниот архив.
„Ми беше кажано само дека сум разрешена. Без писмен документ, без образложение, без можност да поставам прашање. Бев шокирана“, изјави Котлар за ТВ 24.
Таа смета дека причината за разрешувањето може да биде интервјуто што го дала во август, во кое упатила критики кон дел од македонската дијаспора во Австралија.
„Сметам дека тоа интервју можеби било повод, но не и вистинската причина. Главната причина е амбицијата на мојот заменик, кој е партиско решение на ВМРО-ДПМНЕ, да ја преземе директорската функција,“ изјави Котлар.
Таа додаде дека од првиот ден откако стапила на функцијата се соочувала со „психичка тортура“ и партиски притисоци.
„Од денот кога ме назначија, ВМРО-ДПМНЕ постави и чисто партиско решение како мој заменик. Тој одлучуваше за сè, јас бев безгласна буква,“ рече Котлар.
Котлар ја извршуваше функцијата една година и четири месеци, а претходно беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Центар на локалните избори во 2021 година.
Од Владата за ТВ 24 ја потврдија информацијата за разрешувањето, додавајќи дека одлуката била донесена на седница на Владата, со образложение за „кадровско освежување“ во институцијата.