Телото на последниот исчезнат планинар по смртоносните поплави во Националниот парк Гранд Кањон е пронајдено, со што бројот на загинати во несреќата се искачи на три. Остатоците на 53-годишниот Тимоти Ален Смит биле пронајдени во понеделникот во близина на брзаците Кристал на реката Колорадо, објави АП.
Смит, пилот од Стар Вели во Вајоминг, бил на повеќедневна планинарска тура со двајца пријатели кога поплавата го погодила подрачјето Фантом Ранч, во внатрешноста на кањонот. Претходно биле пронајдени телата на неговите придружници, 42-годишниот Брент Розенкранц и 46-годишниот Џон Џусти од Тексас.
Сопругата на Смит во четвртокот потврдила дека пронајдените останки се идентификувани како телото на нејзиниот сопруг. Таа навела дека семејството три недели живеело во неизвесност и се надевало дека тој ќе се врати дома.
Националната служба за паркови и американското Министерство за внатрешни работи сè уште немаат официјално потврдена идентификација на останките.
Поплавите започнале на 29 август, во периодот на летните монсуни, кога обилните врнежи во пустинскиот предел можат за кратко време да создадат силни поројни води. Состојбата дополнително ја влошил дождот што паднал врз опожареното подрачје Норт Рим, каде што пожарот од минатата година ја уништил вегетацијата, која можела да помогне во впивањето на водата.
Поплавите оштетиле и важен водоводен систем кој со вода ги снабдува посетителите и жителите на Саут Рим. Поради проблемите со водоснабдувањето биле откажани сите резервации за сместување до завршувањето на поправките.
Од Националната служба за паркови очекуваат стабилното водоснабдување да биде воспоставено во следните неколку недели. Дел од планинарските патеки и натаму се затворени, а во внатрешноста на кањонот нема проточна вода, па на планинарите им се препорачува да носат сопствени резерви или опрема за прочистување.
Нова поројна поплава во средата го погодила подрачјето покрај потокот Брајт Енџел, но овојпат нема повредени. Властите наведуваат дека навремените предупредувања и намалениот број луѓе во кањонот овозможиле сите да се засолнат на безбедно. Проценката на новата материјална штета е во тек.