Израелските одбранбени сили (ИДФ) за прв пат издадоа наредба за евакуација на целиот град Газа, во пресрет на голема копнена операција против Хамас, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Претходните предупредувања од израелската армија се однесуваа само на одделни делови и објекти, но сега се бара палестинските жители во сите региони на градот да се упатат кон хуманитарна зона во јужниот дел на Појасот Газа преку приобалниот пат.
„ИДФ е решена да го порази Хамас и ќе дејствува во областа на градот Газа со голема сила, исто како што правеше низ целиот Појас“, изјави на „X“ гласноговорникот на армијата, полковник Авичаи Адреи, на арапски јазик.
Во објавата беше наведен и телефонски број на кој Палестинците можат да пријават доколку Хамас ги блокира или се обидува да спречи евакуација.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху исто така го повика населението да го напушти градот, најавувајќи жесток удар. „Сето ова е само вовед во главната голема операција – копнен маневар на нашите сили, кои сега се организираат и влегуваат во градот Газа. Им велам на жителите на Газа: Предупредени сте, излезете оттаму!“, рече Нетанјаху, зборувајќи од бункер во седиштето на воздухопловните сили.
Тој посочи дека во последните денови израелската армија урнала 50 облакодери во Газа, за кои тврди дека биле користени од Хамас.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во понеделникот наутро порача дека Газа ќе биде уништена доколку Хамас не го положи оружјето.
Изминатите месеци Израел ја заостри блокадата на Појасот Газа, спречувајќи испорака на основна храна и лекови, што доведе до смртни случаи поради неухранетост. Кон крајот на август, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) прв пат прогласи состојба на катастрофален глад во регионот.
Канцеларијата на премиерот Нетанјаху го отфрли извештајот на ОН, нарекувајќи го „целосна лага“ и тврдејќи дека Израел не ги изгладнува Палестинците, туку спречува Хамас да го прави тоа.