Законот за заштита од пушењето нема да доведе до затворање на угостителските објекти, бидејќи со него не се воведува целосна забрана за пушење цигари, туку јасно се дефинира каде тоа е дозволено, порача министерот за здравство Азир Алиу.
„Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари. Тие луѓе кои пушат може да пушат во одредени простории, како што се тераси отворени од три страни. Значи кафичите и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот“, изјави Алиу.
Тој нагласи дека од економски аспект не се очекуваат негативни последици, потсетувајќи дека државата и понатаму субвенционира тутун и има извоз на тутунски производи.
„Од економска гледна точка не гледаме дека ќе има некаков тип загуби. Здравството и здравствените политики се поврзуваат со здравјето, а здравјето никогаш нема цена. Од другата страна со нездраво население вие дефинитивно одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви политики против пушење на цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа. Луѓе кои се зависници од таков тип на производи се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции“, истакна министерот.
Алиу најави дека пушењето нема да биде дозволено во близина на јавни институции, здравствени установи, училишта, градинки и министерства, без разлика дали станува збор за Клиничкиот центар или други објекти низ државата.
„Пред институции, не само во Клиничкиот центар, секаде низ целата држава, пред јавни здравствени установи, но и други јавни институции, училишта, градинки, министерства, нема да биде дозволено да се пуши“, рече тој.
Во однос на угостителските објекти во рамки на Клиничкиот центар, министерот посочи дека и таму може да се најдат решенија во согласност со законот.
„Клиничкиот центар дефинитивно е голем, има многу институции, но исто така знаете дека има инфраструктура внатре за пиење кафе, таму најверојатно тие бизниси ќе креираат инфраструктура и за пушење на цигари, или ќе направат тераса што ќе биде отворена од трите страни. Впрочем и на крај на денот, ние како надлежна институција, сакаме да направиме закон што ќе ги штитиме сите, ќе го штитиме населението. Верувајте дека имаме многу заболувања кои директно или индиректно се поврзуваат со пушењето“, нагласи Алиу.
Тој информираше дека од утре ќе започнат состаноци со сите инспекторати, со цел тие навреме да се подготват за спроведување на законот.
„Јас сум свесен дека законот има добро дефинирани постапки кај може да се пуши кај не смее да се пуши. Но, исто така ќе имаме добро дефинирани правилници што ќе бидат јавно достапни, ќе знаат сите заинтересирани страни кои треба да бидат информирани или имаат дел од бизнисот што е опфатено со овој закон, за да може да се прилагодат или инфраструктурно или внатрешни правилници ако им треба“, изјави министерот.
Според него, од 1 март се очекува законот да стапи во сила и да донесе суштинска промена во јавниот простор.
„Сигурен сум дека од 1 март се очекува законот да биде во сила, дека ќе имаме друг тип на инфраструктура надвор од нашиот дом, а тоа значи дека во јавен транспорт, во простории што се заеднички ќе имаме чист воздух и нема да дишеме никотин. Ве уверувам дека нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден закон, бидејќи тогаш од првиот ден законот нема да биде функционален“, додаде Алиу.