Албанскиот премиер Еди Рама ја изненади јавноста со идеја за формирање министерство што целосно би го управувала вештачка интелигенција, оценувајќи ја како „најефикасен иден член на владата“, пренесува бриселски „Политико“.
„Еден ден, можеби ќе имаме министерство кое е целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин, нема да има непотизам или судир на интереси,“ изјави Рама на прес-конференција.
Албанија веќе користи вештачка интелигенција во институциите
Владата во Тирана веќе применува алгоритми за следење јавни набавки, откривање аномалии во даночните и царинските постапки, како и за надзор со дронови и сателити за спречување на нелегална градба и канабис-плантажи. Планирана е и примена на технологија за препознавање лица за автоматско санкционирање сообраќајни прекршоци.
Покрај тоа, земјата интензивно ги дигитализира владините услуги – 95% од сите граѓански услуги се достапни онлајн преку платформата „е-Албанија“. Корисниците на порталот ги пречекува виртуелен јавен службеник со вештачка интелигенција, кој помага при поднесување даночни пријави, добивање изводи и аплицирање за дозволи и лиценци.
Во јули, Рама најави целосен премин на дигитални плаќања и укинување на готовината до 2030 година – амбициозна цел, имајќи предвид дека кешот сè уште е широко користен во земјата.
Иако платформата „е-Албанија“ беше цел на неколку сајбер напади од Иран, а постарите граѓани имаа потешкотии со нејзино користење, Рама тврди дека преку неа се извршени околу 49 милиони трансакции за пет години, со заштеда од над 600 милиони евра за граѓаните во земјата и дијаспората.
Модернизација или „големиот брат“?
Премиеровиот предлог испраќа порака до ЕУ дека Албанија е подготвена за технолошка модернизација и поостра борба против корупцијата. Но, критичарите предупредуваат дека масовниот надзор без соодветен јавен надзорен механизам може да ја загрози приватноста и граѓанските слободи.
Динамит и ригорозни казни
Ова не е првпат Рама да привлече внимание со неконвенционални потези. Неодамна на „Фејсбук“ објави видео од акција за уривање на дивоградби со динамит, објаснувајќи дека тоа е дел од решителната борба против бесправната градба.
На 12 август тој порача дека потпалувачите на пожари ќе се третираат како убијци, споделувајќи снимка од подметнат пожар во Грамш. Според податоците, ова лето во Албанија се изгорени речиси 34.000 хектари шума. Изјавата доби поддршка и од министерот за одбрана.