Експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, од вчера се брани од слобода, а заедно со него и Драги Рашковски, ексгенерален секратар на Владата. Двајцата беа во куќен притвор, но судиите од апелација сметаат дека нема да избегаат, ниту да влијаат на сведоци доколку се ослободат. И Вељановски и Рашковски се ослободени со гаранции.
„Гаранцијата на Драги Рашковски е составена од хипотеки на недвижен имот во Струмица и во Скопје во вредност од 192.980 евра. За Трајко Вељаноски гаранцијата е 209.790 евра. Тоа е куќата во која живее, односно тој недвижен имот““, велат од Апелација.
Единствена мерка што ја имаат и двајцата им се одземените пасоши, односно забрана за напуштање на државата.
Рашковски во куќен притвор помина осум месеци. Од почнувањето на истрагата до овој момент судиите сметаа дека тој може да влијае на сведоци и да избега, па затоа и му беше определена оваа мерка.
Тој два месеца издржуваше и притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата што го добила тендерот. Судењата против него почнаа.
И Вељаноски, кој е осуден во случајот „Организатори на 27 април“, беше седум месеци во куќен притвор. Мерката ја одреди судот веднаш кога му беа досудени 6,5 години затвор.
Тогаш обвинителката Гордана Смаќоска сметаше дека тој може да избега, па поради тоа и рече дека е неопходно да биде во куќен притвор. За овој случај одлучува апелација.