Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера влегле на Клиниката за неврологија и констатирале дека разрешениот директор д-р Игор Кузмановски, откако е назначен на функцијата од почетокот на август не прегледувал, пациенти, но работел без лиценца, односно вршел прегледи од март до август, период кога лиценцата не му била обновена.
Заради ова, тој ќе биде парично казнет.
Во врска со работата на проф. д-р Игор Кузмановски како здравствен работник без важечка лиценца за работа ќе му биде издаден прекршочен платен налог според член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита, но ќе следи и прекршочен платен налог за правното лице и за одговорно лице во правното лице, односно претходниот директор. За сите констатирани недостатоци во однос на работата на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, ќе биде издадено решение за наредба за отстранување на недостатоците, велат од Инспекторатот.
Членот 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствена заштита предвидува глоба од 500 евра за лекар што ќе врши здравствена заштита без лиценца.
Инспекцијата нашла и дека противзаконски се вршеле заверувањата на извештаите од страна на шалтерските работници на Клиниката. Согласно надлежностите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршен е увид во персоналното досие на Кузмановски и останатата документација на клиниката во врска со предметот на инспекцискиот надзор. При надзорот е констатирана следната фактичката состојба:
Со решение од Министерство за здравство бр.11-8171/1 од 07.08.2025г. проф. д-р Игор Кузмановски е именуван за в.д. директор на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје. Врз основа на решението, од страна на Управниот одбор на клиниката (УО) донесено е решение бр.0402-1885/1 од 21.08.2025г. за мирување на работното место на проф.д-р Игор Кузмановски доктор специјалист невролог раководител на Оддел за развојна неврологија сметано од 08.08.2025година. Според календарот на активности во интегрираниот информатички систем Мој Термин за сите доктори специјалисти вработени во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје за периодот од 01.01.2025г. заклучно со 30.11.2025г. се констатира дека д-р Кузмановски обавувал здравствена дејност до 08.08.2025год. Со назначувањето на в.д.дирекор не се евидентирани здравстени услуги реализирани од негова страна.