Сè поголем број републиканци стравуваат дека тесната политичка поврзаност со американскиот претседател Доналд Трамп би можела да им се врати како товар на ноемвриските избори за Конгресот. Падот на неговата популарност и сè позабележливиот „замор од Трамп“ кај дел од конзервативните гласачи ја зголемуваат загриженоста дека демократите би можеле повторно да ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот, пишува „Волстрит журнал“.
Во пресрет на најавениот голем настап на Трамп на републикански предизборен собир во Далас, партиското раководство и натаму смета на неговата способност да ја мобилизира конзервативната база. Сепак, дел од републиканските пратеници предупредуваат дека претераното потпирање на претседателот би можело да ги загрози нивните шанси за задржување на мнозинството.
Според анализата на американскиот весник, дел од републиканците сметаат дека вниманието на гласачите сè повеќе се насочува кон растот на животните трошоци, цените на горивото, трговската политика и војната со Иран, наместо кон политичките и личните иницијативи на Трамп.
Продолжувањето на контроверзите и конфликтите со сојузниците, според нив, би можело да ги стави републиканските кандидати во незгодна позиција. Тие би морале да избираат меѓу целосна лојалност кон Трамп и дистанцирање од неговите политики со цел да ги привлечат умерените гласачи, со ризик да предизвикаат политички гнев кај претседателот.
Републиканскиот конгресмен од Небраска, Дон Бејкон, кој најави повлекување од политиката, оцени дека дел од потезите на Трамп „изгледаат како хаос и делуваат деструктивно“.
Како пример ја посочи неодамнешната извршна наредба со која Трамп предложил Езерото Онтарио да биде преименувано во „Езеро Америка“. Бејкон ја нарече одлуката „смешен автогол“ и рече дека „повеќето луѓе мислат дека е глупаво“.
Тој откри дека на републиканските кандидати кои се соочуваат со неизвесни изборни трки им советувал да се дистанцираат од Трамп за прашања како царините, дури и ако таквиот чекор би можел да предизвика незадоволство кај претседателот.
Загриженоста во Републиканската партија расте и поради можноста демократите повторно да воспостават контрола врз Конгресот. За мнозинство во Претставничкиот дом на демократите им недостигаат уште три места, додека за контрола врз Сенатот би им биле потребни четири места.
Републиканската конгресменка од Оклахома, Стефани Бејс, предупреди дека дел од републиканските гласачи би можеле да останат дома доколку не најдат доволно силна причина да гласаат за кандидатите на својата партија.
Таа пренесе и изјава од еден претприемач, кој ѝ рекол дека е долгогодишен републиканец, но дека сега чувствува, како што го опишал, „замор од Трамп“.
Од друга страна, Трамповиот тим и раководството на Републиканската партија и понатаму сметаат на неговото присуство и силната поддршка што ја има меѓу конзервативните гласачи. Нивната проценка е дека тоа може да го надомести неговиот послаб рејтинг на национално ниво.
Ставовите во Републиканската партија покажуваат сè поизразена поделба: едни сметаат дека дистанцирањето од Трамп би било политичко самоубиство, додека други стравуваат дека неговата одбрана по секое прашање може да ја чини партијата важни места во Конгресот.