„Сите сме бесни поради овозможувањето на експремиерот Никола Груевски да избега од земјата. Ние не се боревме за тоа луѓе да седнат во фотелји, а правдата да не биде исполнета“, изјави Здравко Савески на денешниот протест пред владата на Република Македонија.
Според него некој треба да се понесе одговорност без разлика дали тоа се случува во обвинителство, судството или МВР.
„Спасовски и да нема политичка одогворност, има морална одговорност да си поднесе оставка бидејки дозволија да избега. Или се неспособни да го задржат во земјата, или му овозможиле да избега од државата. Ако не поднесе оставка тоа значи дека владата стои зад него. Зошто владата би стоела зад него ако ова не е договорено. Ако владата стои зад него нека им каже на македонските граѓани дека тие ова го имаат договорено“, рече Савески.
Исто така тој побара и Мијалков да заврши во притвор, а не само Миле Јанакиески.
Дел од протестот беше и Ирена Ристиќ која побара од власта да го врати Груевски зад решетки.
„Ние овој серијал го гледаме од првата епизода и да не се однесуваат од Владата како да сме вклучени во сезона број седум и наеднаш Никола Груевски се третира како секој обичен граѓанин, па наеднаш него го снемува и никој не знае каде е, за да на крај дочекаме самиот да ни се пријави од Будимпешта. Ве молам да се усериозите и да почнете да си ја бркате работата како што ветивте. Чекаме да се исполнат сите ветувања“, изјави Ристиќ