Американското Министерство за правда поднесе обвинение против тројца руски државјани, кои според обвинителите биле во центарот на голема мрежа за сајбер-криминал што им овозможувала на хакерски групи да извршуваат напади врз болници, училишта, банки и други институции низ САД. Според американските власти, предизвиканата штета изнесува најмалку 62 милиони долари.
Обвинети се Александар Волосовик, Кирил Затолокин и Јулија Панкова. Тие се товарат за здружување за извршување интернет измами и перење пари, а според обвинението управувале со компанијата „Медиа Ленд“ од Санкт Петербург.
Американските обвинители тврдат дека компанијата обезбедувала таканаречен „непробоен хостинг“ – интернет инфраструктура што им овозможува на криминалните групи да ги сокријат своите активности и да избегнат откривање од безбедносните служби.
Според Министерството за правда, „Медиа Ленд“, основана во 2015 година, обезбедувала услуги за бројни кримининални групи кои извеле десетици напади врз американски институции.
Американскиот Стејт департмент понуди награда до 10 милиони долари за информации што би довеле до компанијата и нејзините раководители, додека истрагата продолжува.
„Веруваме дека и денес продолжуваат да обезбедуваат заштита за криминални активности“, изјави Брет Ледерман, помошник-директор на одделот за сајбер-криминал при ФБИ.
Според него, ФБИ внимателно следи каде би можеле да се префрлат криминалните групи по оваа акција, со цел да ги спречи нивните идни активности.
Мајкл ДеБолт, претседател на безбедносната компанија „Интел471“, оцени дека ваквите провајдери се „гориво за сајбер-подземјето“, бидејќи овозможуваат функционирање на малициозен софтвер, рансомвер-напади, нелегални пазари и криење на украдени дигитални податоци.
Американските власти со години водат операции против рансомвер-групите, кои годишно изнудуваат стотици милиони долари од своите жртви. Во рамки на тие акции биле запленети милиони долари во криптовалути, а дел од најпознатите хакери биле уапсени и екстрадирани.
Обвинението е дел од пошироката серија западни акции против руските хакерски структури. Британските власти и Европската Унија неодамна ја обвинија руската безбедносна служба ФСБ за обид за хакерски напад врз полската електроенергетска мрежа, додека холандската разузнавачка служба соопшти дека руски државно поддржани хакери систематски пробивале безбедносни камери низ Европа за следење на воени транспортни рути и испораки на оружје за Украина.
Од ФБИ предупредуваат дека во изминатата година е забележано значително зголемување на руските сајбер-напади насочени кон САД.