Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска за најновиот Извештај на Стејт департментот каде се нотира долгото траење на истрагите, над законските рокови, вели дека тоа е всушност проблем за предистрагите, за кои нема законски ограничувања, објави СДК.МК.
„Точно е дека некои предистраги траат долго време, како што е таа за ‘Скопје 2014’, за Фондот за здравство и други кои многу доцна беа префрлени од некогашното СЈО, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Настрана што тие не се физички префрлени, туку се само впишани овде. Физички тука не се ни обвинителите што ги водат тие предистраги, па ако реферира некој од нив пред мене, во ред. Во спротивно, не знам што се случува со тие предистраги“, вели обвинителката Русковска за забелешката во Извештајот.
Таа издвојува и неколку истраги кои траат подолго од законските 12 месеци, но вели дека не се многу на број и оти за пролонгираните има причина.
„Во моментов условно кажано развлечена истрага е истрагата за перење пари ‘Империја’ која ги проби роковите од објективни причини. Подолг период се бараа вештаци за овој многу сложен предмет за перење пари, па на крајот тим професори од Економскиот факултет се согласи да го вештачи предметот. Тие се капацитетите на државата. Подолго траеше и истрагата за перење пари ‘Поштенска банка’, но и таа заврши, поднесено е обвинение. Уредно беа поднесувани барања и добивани дозволи од Вишото или од Републичкото јавно обвинителство за пролонгирањето на роковите за истрага“, вели Русковска.
Текстот во целост на: СДК.МК.