Очигледно е дека целта била да се прогласи воена состојба и прашање е што би се случувало со државата. Истрагата треба да ги провери информациите дали војската активно учествувала во инцидентите во Собранието. Индикативно е што Никола Груевски не бил во земјава, па треба да се провери дали патувањето во Виена му било само алиби.
Вака, во куси црти, ексразузнавачот Владимир Пивоваров ги анализира последните искази во судот и сознанијата на истрагата за случувањата од ланскиот 27 април што (ин)директно го вперуваат прстот кон Управата за безбедност и контраразузнавање и кон претседателската резиденција на Водно. Во тој контекст се толкува и завчерашното притворање на Владимир Атанасовски, кој во тоа време беше директор на УБК.
Обвинителката Вилма Русковска засега ја смирува топката и вели дека Синиша Алексовски, советник на претседателот Ѓорге Иванов, кој наводно ги информирал демонстрантите оти ќе биде прогласена воена состојба, всушност, немал директен контакт со нив.
„Треба да разграничиме неколку работи: Никола Бошковски беше споменат од сите обвинети што даваа исказ и тие имале директен контакт со него, а Алексовски беше споменат во смисла дека некој разговарал со него, па ја пренел информација. Не можеме да ги ставиме на исто рамниште едниот и другиот“, вели Русковска.
На прашањето дали постојат индиции и нови докази дека крвавите случувања биле планирани во кабинетот на Иванов – таа одговори негативно.
Пивоваров вели дека денеска ќе располагавме со еден куп докази доколку УБК во тие моменти работела на заштита на уставниот поредок и ги следела комуникациите. Се чуди што Иванов вечерта околу 22 часот во јавниот настап рекол дека поседува информации, благодарејќи на своите служби за одредени дејствија, а не бил информиран што се подготвува. Според Пивоваров, постоеле две ситуации кога требало да биде прогласена воена состојба.
„Прво, намерно беше пуштена вест дека Зијадин Села е мртов со цел да се навлече гнев кај етничките Албанци и да се предизвика конфликт. Второ, се трудеа да исценираат меѓупартиски конфликт со тоа што лидерот на СДСМ и неговите соработници ќе го повикаат членството и приврзаниците на партијата да дојдат и да им помогнат во парламентот. И во двата случаи би дошло до крвопролевање со што би се исполниле условите за прогласување воена состојба“, нагласува Пивоваров за „Независен весник“.
Повеќе тука