Македонските идентитетски линии им се јасни на сите, и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамките на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што и всушност видовме од медиумите затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во согласност со Уставот треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата.
„Ние како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите. Со тоа би сакал да ги известам и граѓаните и да соопштам дека излегуваат на површина буквално сите лаги што ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и македонски идентитет.
Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака до сите дека, апсолутно, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, се затворена тема и тоа треба да им биде јасно на сите. Со сигурност дека нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски престрелки, тоа како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост што е повисока и поважна од рејтингот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграцијата во ЕУ со заштитен македонски јазик и заштитен македонски идентитет“, истакна Костадинов.