Да се води и да се менаџира најголемата општина во Македонија е привилегија, но и голема одговорност. Не секогаш ќе те прати среќата. Затоа во кризни и несакани ситуации треба да се поднесе одговорност.
Но, Градоначалникот кој 8 години е на власт никогаш не сака јавно да излезе, да се извини и да поднесе одговорност, се вели во реакцијата од СДСМ Куманово.
„Имено, во петокот се случи страшна трагедија во Куманово, млад живот згасна во сообраќајна несреќа на ул Тоде Думба и Драган Стопаревиќ.
За овој трагичен настан е одговорен градоначалник Максим Димитриевски. Зошто? На локацијата со години наназад е барано да се постави еластична ограда, инвестиција не поголема од 1.500 ЕУР. На сите средби со граѓани од населбите Гоце Делчев и III-та МУБ кои сме ги имале во изминатите 8 години, а на кои лично Максим Димитриевски беше присутен е барано да се намести еластична ограда. Максим Димитриевски едноставно немаше слух и несакаше да излезе во пресрет на Кумановци. Сега, кога се случи овој трагичен настан, истиот Максим Димитриевски бега од јавноста и се крие.
Максим Димитриевски, да ти порачаме, не секогаш треба да работиш во интерес на приватни компании како што самиот си призна, треба да се работи и во интерес на своите Кумановци.
Максим Димитриевски излези и извини се на Кумановци за лагите што ги кажуваше во изминатите 8 години колку си на власт во Куманово, излези и извини за трагичниот настан, излези и поднеси одговорност“, додаваат оттаму.