Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата порача дека на државата ѝ е неопходна јасна визија и сериозна програма што ќе понуди излез од состојбата во која се наоѓа, оценувајќи дека актуелната власт ја турка Македонија во хаос и безнадежност.
Во своето обраќање, Филипче нагласи дека голата критика не е доволна и дека на граѓаните им е потребна конкретна алтернатива. Тој истакна дека СДСМ нуди нов пристап и поинаква политика, која, како што рече, треба да биде засолниште од лудилото што го продуцира власта.
Според Филипче, платформата и програмата на СДСМ се засновани на директен договор со граѓаните и на економски модел што човекот и неговите потреби ги става во центарот на политиките. Тој посочи дека економијата на достоинство значи јасна стратегија како парите што граѓаните ги уплаќаат во буџетот повторно да им се вратат преку повисоки плати, подобро образование, поквалитетно здравство и повисоки пензии.
Филипче нагласи дека СДСМ нуди системски решенија за работниците, младите и пензионерите, засновани на социјална правда и европски вредности. Како клучен приоритет ја истакна борбата за достоинствена плата за живот, нагласувајќи дека профитот не е проблем, но алчноста мора да биде оданочена и контролирана.
Тој порача дека враќањето на парите кај граѓаните не смее да се прави преку краткорочни и лажни мерки, туку преку долгорочни и системски инвестиции во сите сегменти на приходите и јавните услуги. За младите, Филипче најави визија за држава што ќе биде дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила и креативни умови, додека за пензионерите побара крај на, како што рече, изборната милостина и воведување гарантиран раст на пензиите што ќе ја следи инфлацијата.
Во делот за работничките права, Филипче истакна дека СДСМ ќе биде штит за работниците и ќе ги брани од самоволието на работодавачите, обвинувајќи дека актуелната власт застанала на страната на крупниот капитал, наместо на страната на луѓето кои ја движат економијата.