СДСМ денеска изнесе нови информации поврзани со фирмата што за шест месеци добила државни тендери во вредност од речиси 9 милиони евра. На прес-конференцијата, портпаролката Богданка Кузеска посочи дека вториот вработен во компанијата – Глигор Поцев – во минатото бил дел од Управата за безбедност и контраразузнавање и бил сведок во предметот „Тврдина–Таргет“ кој се однесува на уништување на опремата за масовно прислушување во времето на Сашо Мијалков.
Кузеска рече дека последниот договор што фирмата го добила од Владата е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа и дека тоа отвора сериозни прашања за изборот на кадри и компании во процесите на државни набавки.
Од СДСМ сметаат дека е „загрижувачки“ што лице поврзано со разузнавачките структури од тој период, како и со предметот за уништување на системот за прислушување, денес повторно се појавува во фирма која добива договори од повеќе милиони евра.
Партијата обвинува дека случајот е дел од, како што велат, „истиот модел на доделување сомнителни тендери“ што го поврзуваат со практиките од времето на претходната власт. Кузеска изјави дека „методите се исти, а целта секогаш е иста – корист за поединци и структури блиски до власта“.
СДСМ бара истрага, вклучување на институциите и утврдување на одговорност за начинот на кој е доделен тендерот, нагласувајќи дека „овие дела не застаруваат“.
Од Владата засега нема реакција на наводите.