СДСМ и денеска отвори прашањето за мигрантските договори за кои, според опозициската партија, деновиве известуваат повеќе европски и светски медиуми. Утринава од партијата посочија дека информациите за „центри за враќање на мигранти“ се развиваат забрзано во регионот и дека Македонија, како што тврдат, може да биде следната дестинација.
Според СДСМ, најновите анализи на меѓународните медиуми покажуваат дека неколку балкански држави веќе влегле во договори со западни земји. Косово, како што наведуваат, станало прва земја што прифати одбиени мигранти од Британија, додека Албанија се согласи на изградба на прифатни центри за мигранти од Италија.
Во партиското соопштение се наведува и примерот на „Дојче веле“, кое пред пет дена информираше дека група од 40 мигранти била префрлена со воен брод во албанските центри, каде што – според германскиот медиум – ќе останат сè додека не бидат депортирани.
СДСМ тврди дека, паралелно со овие случувања, британски медиуми објавиле дека Владата предводена од Христијан Мицкоски разговара за можно прифаќање мигранти од Британија во Македонија. Според тие објави, кои опозицијата ги цитира, наводно било спомнато финансирање од околу 20.000 фунти по мигрант, нивно вклучување на пазарот на труд – особено во градежништвото – како и можност за подолгорочно населување.
Опозициската партија обвинува дека „ова е вистината“ и поставува прашање кој ја кажува реалната слика: светските медиуми или Владата. Според СДСМ, властите „ја кријат информацијата“, додека земјата се соочува со недостиг од средства во буџетот од околу една милијарда евра и, како што тврдат, со намера да се земе нов кредит до 6 милијарди евра „во замена за прифаќање мигранти“.
„Граѓаните се против ваквите политики и велат НЕ за мигранти, НЕ за загрозување на безбедноста,“ наведуваат од СДСМ.