Скопје се наоѓа во тотален хаос и нефункционалност веќе четири години, предупредуваат од СДСМ, посочувајќи дека јавниот превоз е колабиран, а состојбата во ЈСП е катастрофално лоша. Според партијата, главна причина за ова е неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните постојани кавги со градоначалничката Данела Арсовска.
„Политичките пресметки се водат на грбот на граѓаните на Скопје. Затоа скопјани немаат превоз, немаат град“, соопштуваат од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот на Град Скопје, но, како што велат, советниците често ги кочат важните одлуки, што оди на директна штета на граѓаните. Дополнително, посочуваат дека и Управниот одбор на ЈСП е составен од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ го остави Скопје без автобуси и создаде хаос во јавниот превоз. Нема ниту ‘М’ од модерно Скопје. Ги нема ветените 250 нови автобуси кои Мицкоски ги ветуваше пред скопјани, а го нема ниту бесплатниот превоз. Сето тоа само затоа што им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска“, наведуваат од СДСМ.
Партијата директно ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, катастрофата што му се случува на ЈСП и на целиот град, и порачаа дека токму тие се најголемите виновници за состојбата во која се наоѓа главниот град.