Пензионерите повторно протестираат против процентуалното усогласување на пензиите, посочувајќи дека ист процент на зголемување носи значително различен износ во зависност од висината на пензијата. Во Свети Николе денеска беше упатено барање за враќање на линеарниот модел, со образложение дека тој повеќе им помага на пензионерите со најниски примања.
Од септемвриската пензија, која ќе се исплаќа во октомври, пензиите ќе бидат зголемени за околу 3 проценти. За пензија од 20.228 денари, тоа значи околу 606 денари повеќе, додека просечната старосна пензија од 29.609 денари ќе се зголеми за околу 888 денари. Кај највисоките пензии, зголемувањето ќе достигне речиси 2.830 денари.
На протестот во Свети Николе пензионерите порачаа дека трошоците за храна и лекови се исти за сите, без оглед на висината на пензијата. Со македонската химна и скандирања „Оставка, оставка“, тие побараа поинаков модел на зголемување.
„Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови; јазот меѓу најниската и највисоката пензија порано беше сооднос 1:4, а денес достигна 1:7“, порачаа пензионерите, предупредувајќи дека разликата ќе продолжи да се зголемува доколку не се задржи линеарниот модел.
Според објавените податоци, во август пензија примиле 349.334 лица. Од нив, 26.585 пензионери имале пензија до 20.228 денари, додека 129.480 лица биле со пензија до 23.945 денари. Тоа значи дека повеќе од една третина од сите пензионери се под ова ниво.
На спротивниот крај, пензијата од 94.332 денари со зголемувањето од околу 3 проценти ќе биде повисока за приближно 2.830 денари.
Токму разликата во номиналниот износ што го носи истиот процент е во центарот на спорот меѓу приврзаниците на процентуалното и линеарното усогласување. Кај процентуалниот модел, повисоката пензија носи и поголемо номинално зголемување, додека кај линеарниот модел сите пензионери добиваат ист износ.
Прашањето за линеарното зголемување беше особено актуелно во 2023 година, кога пензионери протестираа во повеќе градови и бараа зголемување од 5.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари. Во 2024 и 2025 година пензиите беа зголемувани линеарно, при што пензионерите во тие две години добија вкупно 7.000 денари зголемување.
Во 2025 година прашањето доби и правна димензија, откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите со кои процентуалното усогласување беше заменето со рамномерно зголемување за сите пензионери. Во образложението беше посочено дека со линеарното зголемување сите добиваат ист номинален износ, без оглед на претходно стекнатата висина на пензијата и уплатените придонеси.
Покрај висината на пензиите, дополнителен предизвик е и финансиската одржливост на пензискиот систем. На 30 јуни 2026 година имало 350.671 пензионер и 571.855 вработени кои плаќаат придонеси. Тоа значи дека на еден пензионер доаѓаат 1,63 вработени.
Државниот завод за ревизија предупреди дека првиот пензиски столб има траен негативен финансиски биланс, односно расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси. Разликата се покрива со трансфери од централниот буџет.
Во 2024 година овие трансфери достигнале околу 690,6 милиони евра, а според објавените податоци, за 2026 година за исплата на пензиите се предвидени околу 116,8 милијарди денари. Одделни актуелни пресметки покажуваат дека трансферот од централниот буџет за покривање на недостигот во ПИОМ достигнува околу 62,8 милијарди денари, односно околу една милијарда евра.
Тоа не значи дека државата издвојува една милијарда евра за целокупната исплата на пензиите, туку дека пензискиот систем не може само со приходите од придонеси да ги покрие сите расходи и му е потребна значителна буџетска поддршка.
Меѓународниот монетарен фонд во својата анализа за Македонија од 2026 година предупредува дека честите и дополнителни зголемувања на пензиите носат ризик за буџетската консолидација и долгорочната одржливост на системот.
Според проекциите на Фондот, потребите за финансирање на пензискиот систем ќе продолжат да растат поради стареењето на населението. Доколку не се преземат дополнителни мерки, зголемените потреби за финансирање би можеле да придонесат за зголемување на јавниот долг до 2041 година.
Во исто време, за 2026 година Владата планира буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. ММФ предупредува дека без дополнителни мерки приходите би можеле да бидат послаби, а дефицитот да достигне 4,2 проценти од БДП.