Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали очекува предлогот на Франција и Германија за постепена интеграција на земјите кандидатки да биде официјализиран и да придонесе за забрзување на процесот на проширување на Европската Унија.
Сали, кој е дел од македонската владина делегација на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, вели дека документот сè уште има статус на нонпејпер, но дека досегашните реакции од земјите членки и кандидатките се позитивни.
„Тој документ сè уште е нонпејпер, но е предложен и поддржан од Франција и Германија. Во овој период беше тема на дискусија и меѓу другите членки на ЕУ, пред да биде објавен како официјален документ. Го сметаме за добронамерен и насочен кон поддршка на сите земји што се стремат кон членство во ЕУ“, изјави Сали.
Тој очекува документот да биде усвоен доколку не се промени стратегијата за негово официјализирање.
„Очекувам документот да биде усвоен и да одигра позитивна улога во забрзувањето на евроинтегративниот процес. Сите земји членки и кандидатки со кои досега сме комуницирале гледаат позитивно на него“, рече Сали.
Вицепремиерот ја поддржува и иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за вклучување трета страна во разговорите со Бугарија. Според него, комуникацијата со Софија во овој период недостасува, а идните разговори треба да се водат во присуство на претставник од земја членка на ЕУ, Европската комисија или Европскиот совет.
„Сметаме дека овие комуникации треба да бидат веродостојни и потврдени од трета страна, имајќи ги предвид нивната чувствителност и значење. Разговорите би биле добредојдени доколку се поддржани со присуство на трета страна“, изјави Сали.
Тој информираше дека македонската делегација во Њујорк остварила средби со повеќе светски лидери, на кои биле претставени државните приоритети, посветеноста на членството во НАТО, зајакнувањето на соработката со САД и целосната интеграција во Европската Унија
„Како држава уште еднаш ги потврдуваме сите чекори што ги преземаме за полноправно членство, напредокот во реформската агенда во рамките на Планот за раст, патоказите за владеење на правото и праведно управување со јавната администрација, како и Акцискиот план за малцинствата“, изјави Сали за МИА во Њујорк.