Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, категорично ги демантира тврдењата на политичката партија Левица дека нему му бил подарен имот во месноста Барутана на Водно.
Реакцијата следува откако Левица, повикувајќи се на истражување на „Призма“ за сопственичката и деловната поврзаност на инвеститорите со парцели опфатени со нацрт-ДУП-от за Барутана, објави соопштение со наслов „СДСМ и ДПМНЕ ја подарија Барутана на Мијалков и претседателот на ФФМ Омерагиќ“.
Мијалков вели дека информациите што се однесуваат на него се целосно неточни.
„Целосна лага се информациите изнесени од страна на политичката партија Левица дека мене некој ми подарил било што во месноста викана Барутана“, вели Мијалков.
Тој тврди дека на посочената локација нема никаков имот, ниту каков било имотен или друг интерес.
„Не поседувам никаков имот на посочената локација, ниту имам каков било интерес во врска со истата. Тоа се однесува не само на мене, туку и на компаниите кои се во моја сопственост и сопственост на членовите на моето семејство“, наведува Мијалков.
Според него, овие тврдења можат да бидат проверени преку Централниот регистар и другите надлежни институции.
Мијалков се осврнува и на истражувањето на „Призма“, оценувајќи дека неговото име таму се споменува во контекст кој не покажува дека тој има имот во Барутана.
Во истражувањето на „Призма“, објавено за сопствениците и инвеститорите позиционирани во Барутана, Мијалков се споменува преку претходни деловни и имотни врски на дел од компаниите и лицата за кои се пишува. Меѓу другото, се наведува дека „Енерго Максистем“ во минатото била водена од сопругата на Љупчо Тодоровски-Радникот, кого медиумот го опишува како близок соработник на Мијалков, како и дека компанијата претходно купила државно земјиште кај Богородица кое било конфискувано од Мијалков. (Призма)
Мијалков смета дека ваквото поврзување на неговото име со актуелната тема создава погрешна перцепција во јавноста.
„Споменувањето на моето име во текстот на Призма е надвор од секаков контекст во врска со Барутана и се сведува на наведување на деловни активности од пред десет години кои на никаков начин не се поврзани со актуелниот случај“, наведува тој.
Тој додава дека не ги знае причините поради кои, како што вели, се пласираат вакви информации и неговото име се поврзува со случајот.
Мијалков бара демантот да биде објавен согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и информациите што ги оценува како лажни да бидат повлечени.
Левица, пак, во својата реакција тврдеше дека истражувањето за Барутана покажува мрежа од деловни врски меѓу сопствениците на дел од атрактивните парцели и лица или компании кои во минатото биле поврзувани со Мијалков. Партијата изнесе и политички обвинувања кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во врска со поддршката за нацрт-урбанистичкиот план.
Мијалков со демантот ги отфрла тврдењата што директно го поврзуваат него, неговите компании или членовите на неговото семејство со сопственост или интерес во Барутана.