На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје во тек е реновирање на одделот за пуерпериум, каде што престојуваат мајките по породувањето. Од клиниката информираат дека градежните активности не влијаат врз редовното одвивање на работата и дека сите здравствени услуги се обезбедуваат навремено.
Од ГАК ги информираат идните пациентки кои во наредниот период треба да се породат дека поради реновирањето дел од породените мајки се сместени на одделението, а дел на друго одделение во рамки на клиниката.
Сместувањето на пациентките се врши според однапред изготвен план и се применува ротација, со цел непречено функционирање на клиниката во периодот додека траат работите.
„Работата на клиниката е со вообичаена динамика и истата не трпи никаков застој“, наведуваат од ГАК.
Оттаму додаваат дека реновирањето е дел од активностите насочени кон континуирано подобрување на условите за престој на пациентките кои се хоспитализирани на клиниката.
Градежните активности се уредно пријавени и се изведуваат согласно протоколите за извршување градежни зафати, информираат од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.