Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, ја прими првата доза на вакцина и порача и останатите да се вакцинираат. По неговата објава на социјалните мрежи следеа низа коментар. Граѓаните прашуваат зошто постари лица пријавени уште од првиот ден на vakcinacija.mk сè уште не добиле повик за вакцинација, а се повикале средношколци да ја примат вакцината.
-Кога има проблем мора да се делува, а не да се стои на страна. Проблемот е очигледен: многу луѓе се немаат пријавено за вакцинација, што е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Јас се пријавив уште пред 1-2 месеци на web порталот. Ме поканија и истрчав да ја примам вакцината. Ги повикувам сите средношколци, сите студенти, сите млади – говорете со вашите родители, роднини, баби, дедовци и соседи, објаснете им колку е важно да се вратите во школските клупи во септември, колку е важно животот да се врати во нормала. Тоа е единствено можно преку масовна вакцинација. Нека се пријават и вакцинираат. И себе ќе си го заштитат здравјето а нам ќе ни ги заштитат образованието и иднината, напиша Ходаи на „Фејсбук“.
Инаку и покрај најавените протоколи и планови од министертвото секојдневно преку соцојалните мрежи се објавуваат негодувања за планот на вакцинација. Дел од нив се здружението на родители на деца со ретки болести неодамна бараше да бидат вклучени меѓу приоритетните групи, а вчера се огласи и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски кој бара вработените од овој Универзитет да бидат што поскоро вакцинирани, но бара и одговор од надлежните по кои критериуми се одвива имунизацијата во високото образование.
Независната угостителска комора (НУК) преку соопштение реагира што не биле консултирани и викнати на состанокот на кој се разговарало за вакцинирање со стопанските комори. НУК бара рамноправно вакцинирање на сите угостители и угостителски работници, а не вакцинација на, како што се вели, привилегирани членки на овие комори.