Родители на ученици во основно училиште во Битола, обвинуваат дека ученик од седмо одделение објавувал заканувачки содржини на „Тикток“, со имиња на негови соученици и нивни родители, како и датум на извршување на заканите. За ова, досега не е објавен никаков доказ, ниту пак копија од содржината.
Случајот предизвикал вознемиреност во целото училиште, кои поднеле претставка до Државниот просветен инспекторат, по што училиштето го известило Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и Подрачното одделение за образование во Битола.
На неговата социјална мрежа, има најразлични содржини, но не можат да се најдат експлицитни закани.
Поради случајот бил одржан и итен родителски состанок, на кој дел од родителите побарале ученикот да биде преместен од одделението.
Од училиштето соопштија дека содржините не биле објавувани во текот на наставата или во училиштето, но дека веднаш постапиле согласно со законските обврски и презеле мерки за заштита и поддршка на учениците.
„Апелираме до јавноста за воздржаност од ширење непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено затоа што станува збор за малолетници“, наведуваат од училиштето.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да соработуваат со надлежните институции до целосно расчистување на случајот.
Според информациите, родителите на ученикот најавиле дека тој ќе биде префрлен во друго училиште.ос