ЈСП со шокатни податоци за Tелма – од 380 автобуси возен парк, 100 се дефект во депоата за автобуси во Ѓорче Петров и Автокоманда. 30 црвени „кинези“ се претворени во отпад, и 13 од вкупно 80 украински од марката ЛАЗ, набавени само пред 7 години.
„Некои од овие возила стојат расипани од 2015 година. Се работи за сериозни дефекти на мотори и менувачи, порaди што сервисирањето е скапо, комплицирано и економски неисплативо, бидејќи во меѓувреме од тие возила се извадени и други делови“, велат од ЈСП.
Ако се погледнат техничките карактеристики кинеските и украинските автобуски поседуваат менувачи од ист германски производител „Фридрихшафен“ од Германија. Моторот на киенските автобуси е американски и достапен на пазрот, а на украинските е германски. Додека раководните лица од оваа и претходната власт си ја префрлаат вината кој го запоставил одржувањето и набавката, анонимен извор за Телма тврди дека само заради гуми не возат дополнително 46 нови автобуси.
„Тврдам дека 27 автобуси само во Автобаза Ѓорче Петров се вон сообраќај, само за гуми. Заклучно со вчера во Автобаза Автокоманда таа бројка е 19. Од утрово забрзано се комплетираат тие автобуси со разни ситници кои не беа монтирани, или од нив беа демонтирани, како ремени, водни пумпи и слично. Па за некој ден ќе ги видиме тие автобуси низ градот“, вели нашиот извор.
До сега никој не одговори соодветно зошто јавното претпријатие сеуште чува автобуси на паркинг заради недостаток од делови и гуми, иако заклучно септември две фирми испорачале 250 гуми за сума од 130 илјади евра.