Членови на семејствата на загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци, со соопштение потпишано од 35 лица, остро реагираа на одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за обвинетите и предметот да го врати на повторно одлучување пред Апелациониот суд.
Тие велат дека веста ја примиле со неверување и чувство на неправда, оценувајќи дека одлуката дополнително ја поткопува веќе нарушената доверба на граѓаните во правосудниот систем.
„Сметаме дека ваквата одлука дополнително ја поткопува и онака сериозно нарушената доверба на граѓаните во правосудниот систем. Ова не претставува само неуспех на правосудниот систем, туку и сериозен удар врз целото општество“, се наведува во соопштението.
Одлуката следува речиси седум години по несреќата во која загинаа 16 лица, а повеќе од 30 беа тешко повредени. Семејствата посочуваат дека по шестгодишен судски процес и повеќе од 150 одржани рочишта, повторно се оживуваат болните спомени и се одложува конечната судска разрешница. Судското образложение, како што наведуваат, сè уште не им е официјално доставено.
„Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан. Таа остави тешки и долготрајни психолошки и здравствени последици врз семејствата. За жал, некои од родителите што ги загубија своите деца не ја дочекаа правдата што со години ја очекуваа“, велат семејствата.
Во реакцијата се наведува дека меѓу родителите што починале без да ја дочекаат конечната судска одлука се Благојче, Митко, Љупче и Сретен.
Семејствата нагласуваат дека ниту една пресуда не може да ги врати загинатите, но дека правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните најблиски.
„Потсетуваме дека човечкиот живот нема цена. Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, се додава во соопштението.
Од надлежните институции бараат конечната одлука да се темели на фактите и доказите изведени во првостепената и второстепената постапка. Според нив, доказите јасно укажале на причините за несреќата и биле основа за утврдување на одговорноста.
Тие бараат постапката да не се одолжува дополнително и да нема компромиси при утврдувањето на одговорноста за загубените човечки животи.
„Законот мора да важи еднакво за сите, а правдата мора да биде достапна за секој граѓанин“, порачаа семејствата.
За автобуската несреќа, која се случи во февруари 2019 година, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари, беа осудени на по 10 години затвор. Вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски добија затворски казни од по седум години, додека возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор.
По одлуката на Врховниот суд со која пресудите се укинати, осудените излегуваат од затвор, а Апелациониот суд повторно ќе одлучува за предметот.