Полицијата во бразилската сојузна држава Параиба проверува дали 33-годишниот Жорлан Лопез да Силва може да биде поврзан со поголем број нерешени убиства, откако тој за време на испрашувањето тврдел дека во својот живот убил околу 80 луѓе.
Неговото тврдење засега не е официјално потврдено. Според досегашните сознанија, истражителите го поврзуваат со 16 убиства извршени во период од околу три месеци во долината Мамангуапа, објави бразилскиот медиум „Глобо“.
Полицијата сега повторно ќе ги разгледува нерешените случаи на убиства за да провери дали има докази што би можеле да го поврзат осомничениот со други жртви.
„Тоа е многу значајна бројка. Веруваме дека, ако не е токму таа бројка, тогаш е нешто многу блиску до неа“, изјавил детективот Даглас Гарсија.
Лопез да Силва бил уапсен на 13 септември во општината Мулунгу, по потерa која траела околу 48 часа. Според полицијата, во обид да не биде препознаен, тој се маскирал во жена – носел фустан, перика, женски сандали и очила за сонце, а ноктите му биле налакирани.
Кога полицајците го лоцирале, со себе имал дете на возраст од околу две години, кое не му било роднина. Според полицискиот извештај, подоцна го оставил детето, а неговиот идентитет бил потврден и преку тетоважа. Полицијата сè уште ги утврдува околностите под кои детето се нашло кај него.
Истрагата покажала дека Лопез да Силва претходно се криел во заедница во Кабедело, во пошироката област на Жоао Песоа, откако избегал од конфликт во Рио Тинто. Полицијата се сомнева дека бил поврзан со криминална фракција од Рио де Жанеиро која дејствува во Параиба.
Истражителите, со поддршка на Сојузната сообраќајна полиција, ја следеле групата со која тој се движел кон Мулунгу. При една од акциите бил уапсен еден од наводните соучесници, додека Лопез да Силва успеал да побегне.
Во истата операција биле приведени и уште двајца мажи за кои полицијата се сомнева дека се поврзани со истата криминална фракција. Истрагата продолжува, а полицијата треба да утврди дали тврдењата на осомничениот за бројот на жртвите имаат потврда во доказите.