Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинение против 25-годишен жител на Старо Нагоричане, кој се товари за четири убиства и два обида за убиство извршени во период од јануари 2025 до февруари 2026 година на подрачјето на кумановскиот регион.
Според Обвинителството, обвинетиот се гони за кривично дело убиство и два обида за убиство, а со оглед на тоа што, според наводите, со умисла лишил од живот повеќе лица, му се заканува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Од Обвинителството информираат дека вештачењата спроведени во текот на истрагата покажале дека делата биле извршувани од ниски побуди, односно со намера за задоволување на полови страсти кон мртви женски тела.
Според обвинението, првото убиство било извршено во јануари 2025 година во селото Клечовце, каде што обвинетиот наводно усмртил повозрасна жена во нејзиниот дом. Неколку месеци подоцна, во селото Драгоманце, била убиена уште една жена на сличен начин.
Во јули 2025 година во селото Челопек, обвинетиот се обидел да нападне жена, но се повлекол откако таа почнала да повикува помош. Во јануари 2026 година, според обвинението, усмртил уште една жена во Старо Нагоричане, а во февруари истата година во Челопек била убиена уште една повозрасна жртва.
Последниот случај опфатен со обвинението е обид за убиство во Челопек во февруари 2026 година, кога обвинетиот, според истрагата, се откажал од намерата и избегал откако слушнал звук во близина.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот до завршување на судската постапка.