Иако Светското првенство 2026 сè уште не е завршено, веќе се познати првите шест репрезентации што ќе настапат на Мундијалот во 2030 година. Шпанија, Португалија, Мароко, Аргентина, Уругвај и Парагвај обезбедија директен пласман како земји домаќини на јубилејното Светско првенство.
Главни организатори на турнирот ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, каде што ќе се одигра најголемиот дел од натпреварите. Во исто време, Уругвај, Аргентина и Парагвај ќе бидат домаќини на по еден натпревар со кој ќе се одбележат 100 години од првото Светско првенство, одржано во 1930 година.
ФИФА во октомври 2023 година донесе одлука турнирот да се организира на три континенти – Европа, Африка и Јужна Америка. Одлуката беше официјално потврдена на вонредниот конгрес на ФИФА во декември 2024 година.
Според актуелниот план, на Светското првенство во 2030 година ќе учествуваат 48 репрезентации, исто како и на актуелниот Мундијал. Со оглед на тоа што шест места веќе им припаѓаат на домаќините, преостанатите 42 ќе бидат распределени преку континенталните квалификации и дополнителниот квалификациски турнир.
Сепак, бројот на учесници би можел повторно да се зголеми. Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) предложи јубилејното издание да биде проширено на 64 репрезентации.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, неодамна изјави дека предлогот ќе биде разгледан по завршувањето на Светското првенство 2026.
„Тоа е прашање што ќе биде анализирано и разгледано од надлежните комисии на ФИФА. Секоја идеја заслужува внимание“, изјави Инфантино.
Доколку предлогот би бил прифатен, на Мундијалот 2030 би настапиле речиси една третина од сите 211 членки на ФИФА, а бројот на натпревари би се зголемил од 104 на 128. Засега, сепак, Светското првенство официјално останува планирано со 48 репрезентации.