Второто полугодие во основните и средните училишта во Тетово започна со значително намален број ученици, откако околу 610 деца останаа дома поради сезонски грип и други вирусни инфекции. Според надлежните, најголем дел од отсутните се ученици од основното образование, но висок е и бројот на средношколци кои во моментов не ја следат наставата.
Од секторот за образование информираат дека досегашните податоци укажуваат на до 400 отсутни ученици во основните училишта и околу 210 во средните, при што причината во најголем дел се вирусни заболувања. Надлежните изразуваат надеж дека ваквата состојба ќе биде привремена и дека во наредниот период бројот на заболени ќе се намали, по што учениците ќе се вратат во училишните клупи. Воедно, упатен е апел до родителите децата со симптоми на вирусни инфекции да не ги испраќаат на настава.
Најголем број отсутни ученици е регистриран во основното училиште „Лирија“ во Тетово. Според раководството на училиштето, во секое одделение отсуствуваат од пет до тринаесет ученици, во зависност од паралелката. Од училиштето повторно апелираат родителите да бидат внимателни и да не ги изложуваат децата и нивните соученици на дополнителен здравствен ризик.
Во врска со актуелната состојба, министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна изјави дека бројот на заболени од грип не достигнал ниво кое би наложило продолжување на зимскиот распуст. Таа нагласи дека ширењето на вирусите не е поврзано исклучиво со училиштата, посочувајќи дека грипот може да се пренесе и во домашни услови, на јавни места или за време на зимските одмори.