Европската интеграција не треба да се сведува само на усогласување на законодавството, туку мора да донесе суштински промени во институциите и јавните услуги, порача министерот за правда Јетон Шасивари на форумот „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: од „темелите“ и пошироко“.
Според Шасивари, реформите треба да бидат насочени кон тоа граѓаните директно да ги почувствуваат нивните резултати.
„Европската интеграција не е само усогласување на законодавството. Таа е трансформација на институциите, на начинот на кој работиме и на начинот на кој граѓаните ги чувствуваат резултатите од реформите“, истакна тој.
Министерот нагласи дека структурираниот дијалог овозможува реформите да се разгледуваат во поширока европска рамка, која ги опфаќа владеењето на правото, институционалниот капацитет, човечките ресурси, дигитализацијата, финансиската одржливост и квалитетот на јавните услуги.
Како координатор на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, Министерството за правда работи на реализација на реформските приоритети утврдени во Реформската агенда, препораките од Европската комисија, оценските мисии и работата на Поткомитетот за правда и внатрешни работи.
Шасивари посочи дека преку Реформската агенда реформите се поврзани со конкретни мерки, рокови и резултати, при што целта е тие да не останат само на ниво на стратешки документи, туку да се одразат во работата на институциите и услугите што ги добиваат граѓаните.
Тој истакна дека Македонија е дел од пошироки европски механизми за владеење на правото, борба против корупцијата и заштита на фундаменталните права, што создава простор за размена на искуства, практики и европски стандарди.
Како една од важните задачи на Министерството за правда беше издвоена потребата реформите да имаат реална и одржлива институционална основа. Според Шасивари, потребно е да се утврди не само што треба да се реформира, туку и колку средства се потребни, со какви човечки ресурси располагаат институциите и каков капацитет е неопходен за реформите да дадат резултати.
Во тој контекст, на форумот беше посочена и дигиталната трансформација на правосудството преку подготовка на нова ИКТ-стратегија. Таа има за цел да придонесе за модерно и интегрирано правосудство, поефикасни постапки, поголема транспарентност, подобро управување со предметите и полесен пристап до правда.
Како значајна област беше издвоена и оптимизацијата на судската мрежа, со која се цели кон подобра достапност на правдата, поефикасна распределба на ресурсите и подобри услуги за граѓаните.
„Задачата пред нас е да одиме пошироко: од усогласување кон имплементација, од реформски обврски кон одржливи резултати и од европска перспектива кон европска практика. Тоа е патот по кој треба да продолжиме“, порача Шасивари.