Град Скопје денеска симболично го најави почетокот на акцијата „Дрво за секое дете" што ја спроведува со болниците и гинеколошко-акушерските клиники во Скопје. 20 новороденчиња добија дрво на кои ќе стои нивното име и датум на раѓање.
Првите плочки со имиња на новороденчиња беа поставени на новиот дрворед зад стадионот на Армијата, до Кејот на реката Вардар. Плочките се напишани на јазикот кој го одбрале родителите.
„Во наредниот период уште 300 дрвја во градските дрвореди и паркови ќе добијат плочки со имиња на новородените деца во чија чест е засадено тоа дрво. Особено се радувам што овие деца ќе растат истовремено со дрвјата и ќе можат да го следат растот на своето дрво. Со тоа, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Од Град Скопје ги повикаа идните родители да се пријавуваат во Град Скопје, за да учествуваат во оваа акција и да имаат свое дрво во главниот град.