Актуелниот градоначалник на Град Скопје кој има кандидатура за втор мандат, Петре Шилегов, смета дека скопјани ќе го гласаат одново. Наброја десетици проекти кои ги реализирал додека е на функцијата, по што, посочи дека неговите очекувања се легитимни. Збореше за направени четири булевари, зеленилото, загаденоста, реконструкција на улици. Тој додаде дека нема намера да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ на овие избори.
„Правото на граѓаните да бидат бирани, е неприкосновено. Не е мое да проценувам дали кој и како ќе гласа. Тоа го проценуваат граѓаните. Очекувам сериозна поддршка од скопјани, поради посветеноста за градот во изминатите четири години. Не е лесно пола мандат да е во пандемија. Легитимно е да сметам дека ќе добијам поддршка“, рече Шилегов набројувајќи што направи.
Не сакаше во детали да ја коментира кандидатурата на кандидатот поддржан од Левица, Петар Георѓиевски-Камиказа.
„Јас соодветно ќе настапам пред скопјани со политики кои ќе имаат континуитет. На Скопје му е потребен континуитет а не луѓе кои допрва ќе ги учат работите“, рече Шилегов на прашањето како ја коментира кандидатурата на Петар Георѓиевски-Камиказа.