Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да ја коментира квалификацијата „шпионска афера“ поврзана со сомнежите за недозволени активности во нејзиниот кабинет, за кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води предистражна постапка.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа порача дека во оваа фаза од постапката треба „малку да се зборува, а многу да се работи“.
„Прво, квалификацијата шпионска афера и слично, не сакам да ја коментирам. Второ, видете, кога зборуваме за предистражна постапка, јас нема да ги заборавам зборовите на мојот професор Никола Матовски, професор по кривична постапка, тој велеше дека во предистражната постапка малку се зборува, многу се работи, односно се собираат информации“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека ја почитува поделбата на власта и дека не сака да ги толкува постапките на другите институции, но изрази недоумица од јавните настапи на обвинителството.
„Јас никогаш не ги толкувам постапките на другите органи, ја почитувам поделбата на власта, но не можам да не кажам дека малку сум збунета со одговорите на новинарските прашања или со објавите кои доаѓаат токму од Oбвинителството за гонење организиран криминал, во коишто се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи“, изјави претседателката.
Таа додаде дека не бега од одговори, но смета дека мора да се почитуваат правилата од Законот за кривична постапка.
„Не, не бегам од изјави, меѓутоа мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на презумпцијата на невиност, но, како што реков, и во поглед на собирање на податоци и евентуално отворање на кривична постапка“, рече Сиљановска-Давкова.
Претходно, ОЈО ГОКК потврди дека повеќе од пет месеци води предистражна постапка за сомнежи за недозволени активности поврзани со информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката. Според обвинителството, постојат сомнежи дека доверливи електронски податоци биле неовластено преснимувани, а неофицијално се шпекулира дека дел од информациите можеле да завршат кај странски разузнавачки структури.