Скопје од денеска е домаќин на IDO European Dance Championship 2026, голем европски танцов настан кој до 29 септември ќе се одржува во Т-Арена, во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Во текот на деветдневното првенство во македонската престолнина ќе настапат повеќе од 2.900 танчери од бројни европски земји. Учесниците ќе се натпреваруваат во различни танцови дисциплини и категории, претставувајќи ги своите земји и најдобрите танцови достигнувања.
Покрај натпреварувачите, во Скопје пристигнуваат и тренери, судии и делегации, како и публика од различни земји. Првенството претставува можност за културна размена и поврзување на различни традиции и генерации преку танцот.

Настанот има значење и за туристичката понуда на Скопје и Македонија, бидејќи се очекува зголемена посетеност на хотелите, угостителските објекти и туристичките содржини во периодот на одржување на првенството.
Како еден од централните настани е најавена Парадата на нациите, која ќе се одржи на 25 септември во 14:30 часот. Учесниците тогаш ќе ги претстават своите земји во духот на пријателството, почитта, културната размена и заедништвото.
IDO European Dance Championship 2026 ќе трае до 29 септември, а во следните денови Скопје ќе биде исполнет со танц, енергија и младост.