Скопје денеска го чествува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. По тој повод, во текот на денот ќе бидат оддадени почести на сите кои ја донесоа слободата, со положување венци пред Споменикот на ослободителите на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани каде почива генерал Михајло Апостолски, како и пред Споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.
Од Град Скопје најавија дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи традиционалната свеченост на која ќе бидат врачени годинешните награди „13 Ноември“, што се доделуваат за особени остварувања во различни општествени области.
Пред точно 81 година, на 13 ноември 1944 година, скопјани ја дочекаа слободата по неколкудневни жестоки борби со фашистичкиот окупатор. Во операцијата за ослободување учествувале 42. и 50. народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада, кои по големи загуби успеале да го ослободат градот.
Според сведоштвата, борбите се воделе на повеќе локации низ градот – на улицата „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од уништување, а многу цивили, невооружени, го чувале Камениот мост од минирање, со што зачувале симбол кој и денес е еден од најпрепознатливите белези на градот.
Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 борци, а за време на целата Втора светска војна животот го загубиле околу 4.600 скопјани – херои чие дело останува вечно врежано во колективното сеќавање на градот.