На подрачјето на Скопје утрово е спроведен нов авионски третман против комарци, со што бројот на дезинсекции во текот на оваа сезона достигна 14.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека активностите ќе продолжат и во наредните денови. Нов авионски третман е предвиден и утре во раните утрински часови, а во периодот од 23 до 26 август ќе се спроведе и терестична дезинсекција на територијата на градот.
Од Градот Скопје посочуваат дека третманите се реализираат според Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, со одобрение од надлежните здравствени институции.
Во текот на сезоната досега се спроведувале третмани и против ларви и против возрасни комарци. Против ларви биле реализирани седум третмани, почнувајќи од 7 мај, додека против комарци се спроведени повеќе авионски и теренски третмани во текот на јуни, јули и август.
Последниот авионски третман против комарци е реализиран на 20 август, а според најавите, до крајот на сезоната ќе бидат спроведени повеќе од 20 третмани.
Од Градот нагласуваат дека дезинсекцијата се спроведува континуирано и според однапред утврдена динамика, со цел да се намали бројот на комарци и да се придонесе кон заштита на јавното здравје.