Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, со остра и алармантна порака реагираше на состојбата со аерозагадувањето во Скопје, оценувајќи дека главниот град се претворил во „гасна комора“ во која секојдневно се загрозува здравјето и животот на граѓаните.
„Ова не е магла, ниту временска појава. Ова е смртоносно аеро-загадување. Го дишеме она што во нормални држави би било причина за воведување вонредна состојба. Секој здив е ризик, секој ден – тивко труење“, порача Богојески.
Тој предупреди дека најпогодени се децата, старите лица и хронично болните, но дека никој не е поштеден од последиците. Според него, релативизирањето на проблемот од страна на институциите и дел од стручната јавност директно придонесува за влошување на состојбата.
„Доволно беше ПР соопштенија. Скопје се гуши, тука се умира. Додека ‘експертите’ релативизираат, луѓето ги губат животите. Ова не е политика, ова е право на живот“, истакна Богојески.
Тој оцени дека загадувањето има директна врска со растот на тешките заболувања, посочувајќи дека, како што рече, „нема семејство без заболен од канцер, ниту човек кој не страда“. Во таа насока, Богојески критикуваше што државата троши огромни средства за лекување, наместо да спречи труење на населението.
„Градот не е индустриска зона. Ние не сме лабораториски глувци. Не прифаќаме да живееме и да умираме во гасна комора“, порача претседателот на „Македонски концепт“.
На крајот, тој побара итни и конкретни мерки, јасна одговорност и приоритетно ставање на здравјето на граѓаните пред профитот и партиските интереси, нагласувајќи дека „секое молчење е соучесништво“.