Новогодишната атмосфера полека пристигнува во главниот град, откако Град Скопје и Општина Центар деновиве стартуваа со поставување празнични украси, светилки и елки. Градските служби веќе работат на терен, иако подготовките се одвиваат под значително кратки рокови.
Град Скопје објави тендер за украсување на градот за претстојните новогодишни славија, а за целата декорација предвидени се 70.000 евра од градскиот буџет. Јавната набавка се спроведува во забрзана постапка, а фирмите што сакаат да учествуваат имаат можност да ги поднесат своите понуди до 4 декември.
Според условите, се бара поставување висока елка од најмалку 13 метри, светлосни инсталации од типот „ѕвездено небо“ кои ќе покриваат околу 800 квадратни метри, големи декоративни подароци, како и 3Д празнични фигури.
Општина Центар паралелно поставува сопствени украси. На плоштадот „Јадран“ веќе се монтира елка со висина од околу девет метри, а украсувањето на улицата „Орце Николов“ започна уште на 23 ноември.
Овие активности ја означуваат првата фаза од подготовките на општината за празничниот период.
И Градот и Општина Центар се обидуваат навреме да го подготват просторот за новогодишните прослави. Краткиот рок за јавната набавка и паралелното поставување на украсите укажуваат дека празничната декорација ќе се изведува во забрзан ритам за граѓаните да добијат вистински новогодишен амбиент пред 31 декември.