Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во Вашингтон оствари повеќе средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, на кои присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На состаноците биле разгледани актуелните глобални и домашни економски движења, при што е нагласено дека зголемените геополитички тензии придонесуваат за зголемена неизвесност во светската економија.
Во однос на домашната економија, било оценето дека трендовите се стабилни, но дека поради надворешните ризици е неопходен внимателен пристап и подготвеност за навремена реакција.
Славески истакнал дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и дека внимателно ги следи глобалните случувања и нивното влијание врз домашната економија.
На средбите била разгледана и новата монетарна рамка, за која е оценето дека придонесува за поефикасно и пофлексибилно водење на политиките во услови на економски промени.
Потврдена е и натамошната соработка меѓу Народната банка и ММФ, насочена кон зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.