Законот за амнестија на обвинетите за 27-ми април ќе им даде можност да се изјаснат дали прифаќаат да бидат ослободени од обвинение или пак сакаат за нив да продолжи судскиот процес и така да докажат дека се невини.
Пратеникот Љубен Арнаудов и еден од обвинетите за собраниските настани од 27-ми април за Канал 5 вели дека оваа клаузула во нацрт текстот на законот е вметнат бидејќи дел од обвинетите во случајот досега на социјалните мрежи пишува дека ја бараат правдата и не прифаќаат милостина.
Арнаудов на нашето прашање како тој би се изјаснил во однос на амнестија вели дека во овој момент не може да одговори.
„Нека заврши целиот процес, не сакам да влијам на судскиот процес, на колегите во телото за помирување бидејќи секој збор има свое влијание“, вели Арнаудов.
Рок до кога законот треба да биде изгласан и имплементиран засега нема. Арнаудов вели дека она што е важно е дека процесот е почнат.
„27-ми е само еден мал сегмент од процесот на помирување и би сакал сите да се вклучат во него , не само политичките партии, туку и граѓаните и да ги оставиме зад нас сите поделби, да престанат кавгите и повиците дека ’преку нишан ќе се гледаме’, а на крајот местото на национализмот му е во минатото“, вели Арнаудов.
Нацрт текстот на законот за амнестија треба да биде разгледуван на средба на групата за помирување која е дел од Интерпартиското собраниско тело за помирување, реформи и интеграција. Откако ќе биде презентирано во телото за помирување и бидат усогласени сите точки се очекува нацрт законот да влезе во собраниска процедура.