Данок на доход со стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат на дивидендите, на каматите од депозитите, на каматите од заеми на физички и правни лица, на каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност. Ова е предвидено во нацрт-предлогот на новиот Закон за данокот на личен доход, кој завчера го најави министерот Драган Тевдовски со чие донесување треба да стартува даночната реформа, пишува СДК.мк.
Според објаснувањето на Министерството за финансии, данокот на камата од заштеди ќе почне да наплаќа од 2020 година, а останатите даноци ќе се наплаќаат веќе од 1 јануари 2019 година.
За камати од депозити, во кој влегуваат трансакциски депозити, штедни депозити и други депозити, како и на каматите од хартии од вредност граѓаните ќе плаќаат данок на доход по стапка од 15 отсто, ако износот на пресметаната камата на годишно ниво надминува 15.000 денари во противвредност од валутата на депозитот.
Данок по стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат за доходот остварен од индустриска сопственост, доходот од кирии, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.
Прогресивна даночна стапка од 18 отсто се воведува за доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи ако обврзниците годишно заработат над милион и осумдесет илјади денари.
Според член 11 од нацртот на новиот Закон на доход доколку по овие основи физичките лица на годишно ниво оствариле доход до милион и осумдесет илјади денари (1.080.000), оваа сума ќе се даночи по стапка од 10 отсто. Со стапката од 18 отсто ќе се даночи само сумата што е над милион и осумдесет илјади денари.
На месечно ниво со даночна стапка од 10 отсто ќе се даночи сумата до 90.000 денари, а со даночна стапка од 18 отсто само сумата над 90.000 денари.
Прочитајте повеќе тука.