Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска изјави дека измените на Законот за странци, изгласани од парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ, претставуваат нов доказ за вистинитоста на тврдењата за договор „мигранти за пари“, за кои, како што рече, власта се обидува да воведе цензура и да ја замолчи јавната дебата.
Според Кузеска, неуставната Резолуција, изгласана деновиве во Собранието, има една цел – да се спречи опозицијата и јавноста да зборуваат за суштински важна тема, за која веќе подолго време се пишува и во странските медиуми.
„Кога немаат аргументи, се обидуваат да ја забранат вистината. Но вистината не може да се сокрие – таа секогаш излегува на површина“, изјави Кузеска.
Како клучен аргумент, СДСМ ги посочува измените на Законот за странци, усвоени во септември годинава, со кои, како што тврдат, значително се олеснува постапката за добивање привремен престој за странски државјани по основ на вработување, особено за оние ангажирани на стратешки проекти со стратешки партнери.
Кузеска нагласи дека измените во членовите 83, 85, 86 и 90 воведуваат низа исклучоци кои, според СДСМ, директно ја релаксираат контролата врз влезот и престојот на странска работна сила.
Во член 83, како што наведе, се предвидува можност привремен престој за работа да се одобри без оглед на искористеноста на квотите и потребите на пазарот на труд, и тоа без мислење од Агенцијата за вработување, доколку станува збор за лице ангажирано на стратешки проект.
Дополнително, се воведува обврска Министерството за економија и труд да издава потврда дека правниот субјект во кој работи странецот има статус на стратешки партнер.
Договор за работа – доволен документ
Во член 85, според СДСМ, се оди чекор понатаму. Таму, како што истакна Кузеска, се предвидува дека привремениот престој за вработување може да се одобри само со договор за работа и кратко образложение, без останатите документи кои досега беа задолжителни.
„Ова практично ги елиминира сите дополнителни контроли. Прашањето е – за кого важат овие олеснувања“, изјави Кузеска.
Особено спорен, според СДСМ, е член 90, со кој се воведува можност странец ангажиран кај стратешки партнер да биде упатен на работа во Македонија за времетраењето на проектот, со можност за континуирано продолжување на привремениот престој.
„Ако станува збор за големи инфраструктурни проекти, како железница, периодот на имплементација може да трае со децении. Тоа значи и долгорочен престој, со постојано продолжување“, рече Кузеска.
На крајот, портпаролката на СДСМ порача дека прашањето е јасно и дека граѓаните сами можат да заклучат за кого се направени овие законски измени.
„Затоа сакаат да ни забранат да зборуваме. Затоа се носат резолуции за замолчување. Но вистината е тука“, порача Кузеска.