Механизација денеска влезе во дирекцијата на АГП „Трудбеник“ во Охрид и почна со иселување на недвижностите од локацијата врз која моментно сопственичко право има туристичката агенција „Фибула Ер Травел“. Извршувањето според новиот сопственик е сосема законско бидејќи тие поседуваат имотен лист за локацијата од некаде 20 илјади метри квадратни каде некогаш се наоѓаше дирекцијата на „Трудбеник“.
Адвокатот Драган Коровешоски, кој е правниот застапник на „Фибула Ер Травел вели дека извршувањето се спроведува врз основа на правосилна пресуда.
„Фибила Ер Травел“ имотот го има купено во 2011 година, девет години се обидуваме имотот да го пренесеме во владеење на сопственикот за да почне да се гради. Оставениот операциски рок во кој должникот требаше доброволно да се исели е поминат и од тие причини законски се спроведува извршување, односно испразнување на недвижноста“, вели Коровешоски.
Акционерите од „Трудбеник“, пак, сметаат дека државните институции преку незаконска постапка дозволуваат да се одземе атрактивната локација на брегот на Охридско Езеро.
Извршниот директор и мнозински акционерски сопственик на АДГ „Трудбеник“ Ацо Спироски изјави дека се работи за прерането извршување.
– Имаме неоспорливи докази дека ова земјиште е земено на криминален начин. Тие докази ги добив кога го покренав спорот против ова извршување, кога се отворија документите за се што е направено меѓу одредени раководни лица во Министерството за транспорт и врски, раководни лица во Општина Охрид и на „Фибула Ер Травел“. Против нив е покрената кривична постапка, постојат неоспорливи докази и утре е закажано рочиште во кое бараме поништување на договорот за купопродажба меѓу „Фибула“ и Општина Охрид, рече Спироски.
Според него, се води предмет и во Антикорупциска комисија кој ќе покаже дека се прави обид „на криминален начин, преку наместено јавно наддавање, во предизборна постапка, со наместени рокови и услови, сокривани и изменувани датуми на парафирање на договорите, отуѓено земјиште за 20 илјади евра, а чија пазарна вредност е проценета некаде до четири милиони евра“.
Постапка за раскинување на купопродажниот договор има поднесено и Општина Охрид.