Македонија направи значаен чекор кон забрзување на енергетската транзиција, откако беше усвоен новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори. Со ова законско решение, за првпат обновливите извори на енергија се уредуваат со посебен закон, усогласен со најновите европски стандарди.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека новиот закон воспоставува современа и предвидлива правна рамка, која треба да придонесе за зголемување на енергетската безбедност, намалување на зависноста од увоз на енергија и привлекување нови инвестиции во секторот.
Законот ги транспонира најновите европски правила за обновливи извори на енергија и претставува дел од реформската агенда на државата. Воедно, треба да овозможи исполнување на обврските преземени со Договорот од Париз и реализација на националните цели во областа на енергетиката и климатските промени.
Меѓу најзначајните новини е воведувањето на механизмот „двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата“ (Two-way Contract for Difference), кој треба да обезбеди поголема финансиска предвидливост за инвеститорите, но и дополнителна заштита за граѓаните и стопанството во услови на високи пазарни цени на електричната енергија.
Со новото законско решение се воспоставува транспарентен и конкурентен систем за доделување мерки за поддршка преку повластени тарифи и пазарни премии, со цел привлекување нови инвестиции, отворање работни места и воведување современи технологии.
Законот за првпат ги регулира и механизмите за нето-мерење и нето-пресметка, што ќе им овозможи на домаќинствата, компаниите и институциите активно да произведуваат и користат електрична енергија од обновливи извори.
Дополнително, се создава правна рамка за формирање граѓански енергетски заедници, преку кои граѓаните, општините и компаниите ќе можат заеднички да произведуваат, складираат и продаваат електрична енергија, како и да реализираат локални енергетски проекти.
Со законот се зајакнува и системот на гаранции за потекло на електричната енергија произведена од обновливи извори, што ќе овозможи македонските производители на зелена енергија полесно да се интегрираат на европскиот пазар.
Од Министерството очекуваат новиот закон долгорочно да придонесе за намалување на зависноста од увоз на енергија, зголемување на уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка, намалување на употребата на фосилни горива, отворање нови работни места и поголема конкурентност на домашната економија.
Со усвојувањето на Законот за обновливи извори на енергија, државата воспоставува нова законска рамка што треба да овозможи почист, поодржлив и посигурен енергетски систем за граѓаните и стопанството.