По трагедијата во Тетово, каде загинаа најмалку 14 лица според првичните официјални информации, сочувство до семејствата на загинатите упатија од Грчкото МНР, Европската унија
Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата на Северна Македонија по синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово, изразија, преку „Твитер“ од Министерството за надворешни работи на Грција.
-Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Македонија, напишаа од грчкото МНР.
-ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово специјализирана во третманот на пациентите болни од Ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените, наведува портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.
Сочувство изрази и амбасадорот на ЕУ во земајва, Дејвид Гир.
– Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените, пишува Гир на Твитер.