Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од дуото ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, денеска на маршот за правда во Скопје упати силен апел до пратениците и институциите — да помогнат во целосно и независно расветлување на трагедијата.
Во емотивен говор пред Собранието на Република Македонија, Ѓорѓиеска побара надзорна расправа и формирање анкетна комисија што ќе го испита секој чекор на институциите, од локално до државно ниво.
„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да ја носи болката која е последица на пропуст, негрижа или недејствување,“ рече Ѓорѓиеска.
Таа истакна дека истрагата што досега се водела е нецелосна и недоречена, со бројни неразјаснети прашања и сомнежи.
„Имаме право на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања и без одговори. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена,“ нагласи таа.
Ѓорѓиеска потсети дека трагедијата во „Пулс“ не е само човечка загуба, туку и навреда на најосновните човекови права – правото на живот, на безбедност и на навремено постапување на институциите при опасност.
„Анкетната комисија е неопходна за да се провери како постапувале сите институции, да се утврди политичка и службена одговорност и да се подготват мерки што ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори,“ заврши Ѓорѓиеска, додека толпата на плоштадот ѝ оддаде поддршка со долготраен аплауз.