Членот на Советот на Општина Гевгелија, Борче Нечевски, алармира за сериозно загадување поврзано со депонијата управувана од ЈПКД Комуналец, тврдејќи дека од неа се излева исцедок кој завршува во водотек што се влева во браната Топлик.
На осмата седница на Советот, на која според него, се разгледувале извештаите за работата на инспекциските служби, Нечевски јавно поставил прашања дали е извршен надзор врз депонијата и дали е констатирано истекување на загадена течност. Тој предупредил дека станува збор за сериозен еколошки проблем и побарал проверка дали управувањето е согласно Б-интегрираната еколошка дозвола.
Според него, одговорот од надлежните бил дека ќе се направи дополнителна проверка. На истата седница, во присуство на директорот на претпријатието, темата повторно била отворена, при што било посочено дека „нема шанси да има исцедок“, со образложение дека депонијата располага со соодветна заштитна инфраструктура.
Нечевски, сепак, тврди дека лично излегол на терен и ја проверил состојбата. Како што наведува, по пешачење од околу 12 километри долж водотекот, стигнал до локацијата и ја документирал состојбата со фотографии и видеа.
„Она што го видов е загрижувачко. Исцедок постои, а водата е загадена“, наведува Нечевски, додавајќи дека станува збор за потенцијална еколошка катастрофа.
Тој бара итна инспекциска контрола, јавно објавување на наодите, утврдување одговорност и преземање мерки за заштита на животната средина.