Љубителите на историските драми и шпионските трилери ја издвојуваат серијата „Американците“ („The Americans“) како едно од најдобрите телевизиски остварувања досега. Иако има шест сезони, многумина велат дека е идеална за маратонско гледање и дека, штом ќе ја започнат, не можат да престанат. Сите шест сезони во моментов се достапни на платформата „Дизни+“.
Дејството на серијата е сместено во 1980-тите години, за време на администрацијата на американскиот претседател Роналд Реган. Во центарот на приказната се двајца агенти на КГБ, кои живеат како навидум обично американско семејство во предградие на Вашингтон, додека тајно извршуваат шпионски мисии за Советскиот Сојуз.
Она што започнува како договорен брак од оперативни причини постепено прераснува во искрена и страсна љубовна врска. Но, како што растат притисоците од нивната работа, сè поголема станува и цената што ја плаќаат, особено во обидите да ги заштитат своите деца, Пејџ и Хенри, родени во САД.
Дополнителна неизвесност носи нивниот сосед и пријател Стен Биман, агент на ФБИ, чија задача е да ги открие советските шпиони што со години дејствуваат незабележано на американска територија.
Главните улоги ги толкуваат Метју Рис и Кери Расел, а нивните актерски изведби се меѓу најпофалуваните елементи на серијата. Рис за улогата во последната сезона ја доби престижната награда „Еми“.
„Американците“ се емитуваше од 2013 до 2018 година и стекна статус на една од најценетите телевизиски серии, со 96 проценти позитивни оценки на „Ротен Томејтос“, додека третата сезона има максимални 100 проценти од критичарите.